Калајџиев: Вишото обвинителство не може да глуми суд, „Мазут“ повторно под лупа

Одлуката на Вишото јавно обвинителство Скопје да го врати случајот „Мазут“ на повторна истрага предизвика реакции во правната јавност. Универзитетскиот професор Гордан Калајџиев смета дека со ваквиот потег се отвора сериозно прашање за правната сигурност и улогата на повисокото обвинителство.

Во изјава за Канал 5 Телевизија, Калајџиев оцени дека барањето пропусти во вештачењата е спорно и дека Вишото обвинителство не може да се поставува како судска инстанца.

„Мене ми изгледа ова дека е практично политички инспирирано. Во дадената ситуација практично нема можност за ревизија на јавнообвинителската одлука што беше донесена. Одлуките што ги донесува Обвинителството се независни, по кои инстанци и кој обвинител ги има донесено, бидејќи внатрешната функционална надлежност е прилично слободна, би рекол, во Обвинителството и не може да глуми повисокиот обвинител некаков сега суд, којшто наоѓа слабости во вештачењето на понискиот, односно надлежниот обвинител што постапува по случајот и да го враќа случајот сега на штета на осомничениот во постапката. Тоа е спротивно на процесни принципи, на идејата за правна сигурност, на пресумпцијата на невиност“ – истакна професорот Калајџиев.

Вишото јавно обвинителство Скопје, сепак, го уважи приговорот на АД ЕСМ и го задолжи ОЈО ГОКК да ја продолжи постапката.

Како причина се наведуваат слабости во изготвените вештачења, поради што се побарани нови вештачења и дополнително прибирање податоци од други институции.

Но, во мај ОЈО ГОКК ја запре истрагата откако не биле обезбедени докази за штета од 167 милиони евра. Според обвинителката Коларевиќ, набавките се одвивале за време на енергетска криза, мазутот бил испорачуван навремено и континуирано, а не била утврдена штета за ЕСМ или државниот буџет.

Нема потврда ниту за загадување. Официјалните извештаи на ТЕЦ „Неготино“ покажуваат дека во периодот опфатен со истрагата не било регистрирано загадување од работењето на централата. Не било утврдено ниту надминување на граничните вредности за квалитетот на мазутот.

Во меѓувреме, ТЕЦ „Неготино“ во 2022 година остварила добивка од околу 36,5 милиони евра.

ФЕИТ анализирал и што би значело доколку наместо производство во ТЕЦ „Неготино“, државата морала да увезува електрична енергија. Проценката покажува трошок од околу 880 милиони евра.

Предметот сега повторно е во истрага. Клучното прашање е дали новите проверки ќе откријат факти кои досега не биле утврдени или повторно ќе се разгледуваат докази врз основа на кои надлежниот обвинител веќе донел одлука за запирање.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?