Гаши контра Мицкоски: Собранието нема да биде порта за предвремени избори

Претседателот на Собранието Африм Гаши порача дека парламентарните блокади нема да бидат причина за предвремени избори и дека Собранието нема да се користи како механизам за предвремено распуштање. Неговата порака доаѓа откако премиерот Христијан Мицкоски во повеќе наврати ја остави отворена можноста за избори доколку тоа го побара опозицијата.

Гаши, на брифинг со новинарите, оцени дека процедуралните блокади во Парламентот претставуваат злоупотреба на Деловникот и дека не треба да бидат повод за распишување предвремени парламентарни избори.

„Не треба една злоупотреба на Деловникот да предизвика предвремени избори, но тоа е политичка одлука и за тоа може да се решава и на друго ниво“, рече Гаши.

Тој најави дека сите закони кои во изминатиот период останаа блокирани, вклучително и оние за кои е потребно Бадентерово мнозинство, ќе бидат ставени на дневен ред на следните собраниски седници. Потоа, како што рече, пратениците ќе одлучат дали за нив ќе има потребно мнозинство.

Во изминатите два месеца ДУИ и нејзините партнери преку процедурални забелешки блокираа дел од комисиите и пленарните седници на кои требаше да се разгледуваат закони за кои е потребно мнозинство од пратениците од немнозинските заедници. Меѓу нив се закони од областа на правичната застапеност, правосудството и образованието.

Прашањето за предвремени избори повторно се отвори откако Мицкоски порача дека Владата е за редовни избори, но дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена и за предвремено соочување доколку опозицијата го побара тоа. Премиерот претходно оцени дека, со влегувањето во втората половина од мандатот, политички е разумно да се биде подготвен за сите сценарија.

Гаши, пак, денеска јасно се изјасни дека лично е поборник за редовни парламентарни избори. Тој сепак нагласи дека конечната одлука не е во негови раце, туку е политичко прашање за кое одлучуваат партиските лидери и, во крајна линија, парламентарното мнозинство.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?