Прилеп и Битола против МОН: Наставници нема да останат без работа, нема затворање на подрачните училишта

Прилеп
Фото: Ж.З.

Ниедно подрачно училиште нема да се затвори и ниеден наставник во Прилеп нема да остане без работа со процесот на оптимизација, соопшти деновиве за медиумите градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски.

И покрај најавената оптимизација во образованието, која предвидува и затворање училишта каде што нема доволен број ученици и намален квантум на паралелки, во Битола општинскиот Совет и годинава даде согласност основните училишта да можат да основаат паралелки со помал број ученици од законскиот минимум, односно под 20 ученици. 

Ова се иницијативите на општините Прилеп и Битола, пишува Локал Актив Пелагонија, откако претходно министерката за образование Весна Јаневска рече дека поради намалениот број ученици, годинава се очекува да бидат затворени 26 училишта во рурални средини во земјава.

Во  анализата на Министерство за образование и наука, што „Локал Актив Пелагонија“ ја објави деновиве во сторијата „Затворени училишта, отворени прашања: Кој ќе ја плати цената на оптимизацијата?“ пишува дека три школи во Прилеп веќе се затворени, во селата Бонче, Витолиште и Клепач.

„Во секоја средина каде што функционира училиште, се задржува животот во населеното место. Нашата основна цел е да ги задржиме младите луѓе и родителите да живеат во населените места, а со тоа да ги поттикнеме да работат земјоделие и преку  тоа да се подобри економскиот капацитет на нашиот град и да се зголеми бруто-домашниот производ. Со гордост можам да кажам дека во Прилеп ниеден наставник нема да остане без работа“, ја пренесоа медиумите изјавата на градоначалникот Проданоски.

Во Прилеп годинава во прво одделение се запишани се 510 првачиња, што е за 30 помалку од лани. Но, од Општината велат дека процесот на запишување уште трае, а на списокот имаат дури 700 ученици што треба да се запишат во прво одделение. Тоа е безмалку 200 ученици што се на возраст да тргнат во школо, а сè уште не се запишани во прилепските училишта.

Министерката Јаневска изјави дека во учебната 2026/2027 година ќе има 14 500 првачиња во Македонија или за 3 000 помалку во однос на минатата, а исто така и бројот на паралелки во основните училишта ќе биде намален за 200, а во средните за 100.

На целата територија на Македонија, според анализата на МОН, објавена од  „Локал Актив Пелагонија“, пишува дека досега се затворени вкупно 112 училишта. Од нив 24 се во Преспанско-пелагонискиот Регион. По општини тоа изгледа вака: шест училишта во Општина Битола, пет во Демир Хисар, четири во Долнени, три во Прилеп и во Ресен и по едно во Могила, Новаци и Крушево.

Во Општина Битола биле затворени подрачните училишта во селата: Габалавци, Лавци, Брусник, Ниже Поле, Барешани и Олевени. Во Могила училиштето во Вашарејца, а во Новаци училиштето во село Рибарци.

Во Општина Демир Хисар без училишта останаа селата: Вирово, Обедник, Стругово, Прибилци и Слоештица. Во Општина Крушево е затворено едно училиште, и тоа во селото Борино.

Во Општина Прилеп се затворени училиштата во Бонче, Витолиште и во Клепач. Соседната општина Долнени остана без училиштата во Кошино, Локвенци, Костинци и во Гостиражни.

Битола дозволи училиштата да имаат ученици под законскиот минимум

Воедно, дадена е и согласност за формирање групи по изборни и слободни предмети под дозволениот минимум. На овој начин и во учебната 2026/2027 година нема да дојде до намален број паралелки во битолските училишта. Ова е моделот со кој повеќе од деценија се спречува згаснувањето на паралелки и на училишта во Битола.

Во барањата што школите ги имаа доставено до Советот пишува дека се принудени да работат на ваков начин поради малиот број ученици, како последица на намалениот наталитет и миграцијата, а и за да може наставниот процес да се одвива непрекинато.

Особено загрижувачки се статистиките во училиштата од строгиот центар на градот, како што е основното училиште „Гоце Делчев“ каде што има паралелки со по седум или осум ученици. Во ООУ „Даме Груев“ се бара основање паралелки и со по 13 или 14 ученици, во ООУ „Трифун Пановски“ со 11 и 13 ученици, а ООУ „Климент Охридски“, кое е најголемо во градот, има паралелки со по 12, 13 или 17 ученици. Сликата е слична и во другите школи.

Битола веќе со години е погодена од голем миграциски бран. Младите се иселуваат во Скопје и во странство. Според резултатите од пописот во 2021 година, во Битола и во околните села живеат 85.164 жители, што е намалување на бројот на населението на Битола за повеќе од 10.000 жители, бидејќи според пописот во 2002 година биле регистрирани 95.385 жители.

Преспанските села Покрвеник, Штрбово и Долно Дупени се трите училишта што беа опфатени со оптимизацијата во Општина Ресен.

Ж. З.

*Овој текст е компилација од два одделни текста објавени на Локал Актив Пелагонија, онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?