СДСМ ја обвини Владата предводена од Христијан Мицкоски дека не презема мерки за заштита на животниот стандард, оценувајќи дека високите цени и растечките трошоци сè посилно ги оптоваруваат семејните буџети.
Од опозициската партија велат дека цените на производите со месеци се високи, додека приходите на граѓаните не го следат растот на трошоците.
„Цените во Македонија со месеци се до плафон, во продавници, маркети, на пазар, насекаде“, наведуваат од СДСМ.
Според партијата, потрошувачката кошничка со вклучена кирија достигнала речиси 90.000 денари, додека просечната плата се намалила за 1.163 денари. СДСМ оценува дека тоа е последица на погрешните економски политики на Владата и недоволната заштита на стандардот.
Од партијата посочуваат и на цените на горивата, наведувајќи дека дизелот надминал 100 денари за литар. СДСМ ја критикува Владата што не ги намалила акцизите и ДДВ-то за горивата од 18 на 5 проценти.
Во соопштението се критикува и политиката за платите и пензиите, а СДСМ повторно посочува на неисполнетото барање минималната плата да достигне 600 евра.
Од партијата оценуваат дека намалувањето на цените на училишниот прибор нема суштински да го намали финансискиот товар за семејствата пред почетокот на учебната година.
„На родителите им се потребни поголеми плати за да можат децата да ги испратат во училиште, да им обезбедат храна, ужинка, облека и да ги покријат трошоците поврзани со образовниот процес“, наведуваат од СДСМ.
Опозициската партија ја обвинува Владата дека наместо интересите на граѓаните, приоритет им дава на бизнис-интересите.

