Возилото со кое осомничениот за тројното убиство во Даниловград наводно побегнал од местото на злосторството е пронајдено кај Рогами, но вооружениот бегалец сè уште е на слобода. Црногорската полиција ги ангажирала сите расположливи сили, додека граѓаните се повикуваат на исклучителна претпазливост.
Црниот автомобил „сеат кордоба“, кој му припаѓал на еден од убиените, бил пронајден на ливада во подрачјето на Врањски Ниви, во близина на ресторанот „Стефан“.
Полицијата предупреди дека осомничениот е вооружен, има муниција и претставува непосредна опасност. Воспоставена е блокада на градското подрачје и периферијата на Подгорица, а полициски екипи интензивно го пребаруваат теренот.
За тројното убиство се бара 30-годишниот Михаил Николаевич Шабунин, државјанин на Русија. Тој е осомничен дека со огнено оружје ги убил Петар Глобаревиќ (24), Немања Капор (20) и Момир Радоњиќ (67), вработени во стрелиштето „Чешка зброевка“ во Даниловград.
Според директорот на црногорската полиција, Лазар Шќепановиќ, осомничениот и претходните денови престојувал во стрелиштето. На денот на трагедијата најпрво извршил пробно гаѓање, а потоа влегол во објектот и, според сомненијата на истрагата, ги извршил убиствата.
Полицијата ги повика граѓаните да не му се приближуваат и да не се обидуваат самите да го запрат. Секоја информација за неговото движење или престој треба веднаш да биде пријавена на полицискиот број 122. Информациите може да се достават и анонимно.
Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ соопшти дека е длабоко потресен од трагедијата и најави дека Владата ќе ги прогласи 1 и 2 септември за денови на жалост.
„Очекувам во најкус можен рок да биде изведен пред правдата“, порача Спајиќ, додавајќи дека е во постојана комуникација со министерот за внатрешни работи и директорот на полицијата.
Поради трагедијата, почетокот на учебната година во Даниловград ќе биде одложен за четврток, 3 септември

