Опасен прелет над 50.000 луѓе во Кејптаун: Авионите минале на само неколку метри од стадионот

Два авиони на јужноафриканската авиокомпанија Airlink во саботата изведоа исклучително низок прелет над стадионот DHL во Кејптаун, пред повеќе од 50.000 гледачи кои се подготвуваа за рагби-натпреварот меѓу Јужна Африка и Нов Зеланд, а снимките од маневрот предизвикаа поделени реакции поради близината на авионите до преполниот стадион.

Авионот биле во тесна формација и, според анализа на платформата за следење летови Flightradar24, предводниот авион минал на помалку од 15 метри над највисоката точка на стадионот. Прелетот бил проследен и со димни ракети, што дополнително го нагласило спектакуларниот карактер на сцената.

Откако снимките се проширија на социјалните мрежи, дел од гледачите и корисниците го оценија маневрот како непромислен, особено поради тоа што два авиона летале на мала височина над стадион исполнет со луѓе. Други, пак, ја истакнаа прецизноста на пилотите и го опишаа прелетот како импресивна демонстрација на воздухопловна вештина.

Од Airlink ги отфрлија сомнежите дека станувало збор за небезбеден лет. Компанијата соопшти дека прелетот бил внимателно испланиран и изведен со поддршка од воздухопловните власти, во рамките на однапред одобрените и извежбани безбедносни параметри за височина и брзина.

Според авиокомпанијата, секој од авионите бил управуван од исклучително искусен екипаж составен од три лица – капетан, копилот и офицер задолжен за безбедност и технички прашања.

„Планирање. Прецизност. Изведба“, порача Airlink во објавата со која ја сподели снимката од прелетот.

Ниските прелети се дел од традицијата на големите спортски настани во Јужна Африка. Еден од најпознатите се случи во 1995 година, кога авион на South African Airways прелета над стадионот „Елис Парк“ во Јоханесбург пред финалето на Светското првенство во рагби меѓу Јужна Африка и Нов Зеланд.

Тој момент подоцна доби и пошироко историско значење. Натпреварот, на кој Јужна Африка победи, стана симбол на обидите за национално помирување по апартхејдот, а тогашниот претседател Нелсон Мандела на стадионот се појави во дресот на националната рагби-репрезентација.

И годинашниот прелет во Кејптаун беше дел од атмосферата пред големиот спортски дуел, но неговата екстремно мала височина отвори нова дискусија за границата меѓу спектаклот и ризикот при ваквите воздушни демонстрации.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?