Бојкот на наставата во Конче: Децата останаа дома на првиот училиштен ден

Фото: СДК.мк

Бојкот на наставата во Конче го одбележа почетокот на новата учебна година на 1 септември, откако родители на 11 ученици од ООУ „Гоце Делчев“ одбија да ги испратат своите деца на училиште. Тие тврдат дека децата неправедно повторуваат одделение за училиштето да го задржи потребниот број ученици и паралелки, објави „Сакам да кажам“.

Претходната учебна година не ја завршиле успешно 11 ученици, од кои девет се од турската, а двајца од македонската заедница. Станува збор за ученици од шесто до осмо одделение кои имале три или повеќе недоволни оценки.

Родителите велат дека биле известени оти комисијата, по вонредниот надзор, ја потврдила одлуката за повторување, но тврдат дека не им бил покажан записникот и дека никој не разговарал со нив. Тие бараат објаснување како други ученици со поголем број недоволни оценки успеале да ја поминат годината, додека нивните деца мора повторно да седнат во истите одделенија.

Нивното сомневање е дека учениците намерно се задржуваат за училиштето да има доволен број деца за формирање паралелки. Станува збор за тврдење на родителите кое не е независно потврдено.

„Ќе трошиме пари, а децата ќе тапкаат во место. Ние веќе сме казнети со овие мерки“, изјавиле родителите за „Сакам да кажам“.

Револтот се проширил и меѓу другите деца во семејствата. Според родителите, со учениците што треба да повторуваат се солидаризирале нивните браќа и сестри, кои исто така не сакале да присуствуваат на наставата.

Раководството на училиштето претходно ги отфрли обвинувањата за дискриминација и тврдеше дека оценките се резултат на објективното оценување на наставниците и се потврдени од Наставничкиот совет. Директорот Горјан Трајков изјави дека дел од учениците биле нередовни, не покажувале интерес за учење и не ги посетувале организираните бесплатни дополнителни часови.

Вонредниот надзор во училиштето беше најавен во јуни, откако родителите првпат го отворија случајот и обвинија дека зад одлуките стојат етнички и политички причини. Министерката за образование Весна Јаневска тогаш порача дека треба да се проверат електронскиот дневник, записниците и извештаите на наставничките совети.

Родителите предупредуваат дека бојкотот може да продолжи и дека не се откажуваат поради можните казни за непосетување на наставата. Дел од нив велат дека, доколку не добијат образложение и еднаков третман, размислуваат со семејствата целосно да се иселат од земјата.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?