СДСМ: Стоилковиќ ја турка Македонија кон кинеско и руско влијание

СДСМ

СДСМ го обвини вицепремиерот Иван Стоилковиќ дека со промовирањето поблиска економска и инвестициска соработка со Кина работи спротивно на евроатлантските приоритети на Македонија и ја засилува, како што велат од партијата, руската и кинеската агенда во земјава.

Реакцијата следува по повеќемесечните активности на Стоилковиќ за продлабочување на односите со Пекинг. Во мај тој престојуваше во кинеската провинција Шандонг, каде учествуваше на состанок на локални лидери од Кина и земјите од Централна и Источна Европа и порача дека Македонија ја гледа Кина како значаен економски партнер.

Стоилковиќ тогаш зборуваше за можности за нови инвестиции и за соработка во инфраструктурата, технологијата, земјоделството, туризмот и образованието, оценувајќи дека односите со Пекинг треба дополнително да се интензивираат. Подоцна се сретна и со кинескиот инвеститор Ерик Ли, претседател на Chengwei Capital.

За СДСМ, ваквата политика е дел од пошироко геополитичко поместување.

„По години застапување на српски и руски интереси, сега Стоилковиќ промовира проекти и стратешки инвестиции со Кина“, соопшти партијата, обвинувајќи ја Владата дека Македонија ја оддалечува од Европската Унија и ја отвора за поголемо влијание на авторитарните центри на моќ.

СДСМ во реакцијата се повикува и на американската политика кон Западен Балкан.

Американското законодавство од декември 2025 година предвидува Стејт департментот, Пентагон и разузнавачките служби периодично да подготвуваат проценки за руски и кинески операции на „малигно влијание“ во земјите од Западен Балкан. Во законот како цели на таквите операции се наведуваат поткопување на демократските институции, поттикнување политичка нестабилност и манипулирање со информациското опкружување.

И претходно Стејт департментот предупредуваше на руското влијание во регионот и на потребата земјите од Западен Балкан да ја заштитат стратешката инфраструктура од штетни кинески практики. САД и ЕУ во 2024 година воспоставија и посебен механизам за спротивставување на странско информациско влијание, посочувајќи ги Русија и Кина како главни извори на такви активности во регионот.

Сепак, американските документи не значат дека секоја економска или дипломатска соработка со Кина автоматски се смета за малигно влијание. Поврзувањето на конкретните активности на Стоилковиќ со таква операција е политичко тврдење на СДСМ.

Партијата повторно го отвори и прашањето за заемот од Унгарија, тврдејќи дека една милијарда евра што Владата ги обезбеди преку Будимпешта се поврзани со кинески капитал.

Унгарија навистина во април 2024 година позајми една милијарда евра од China Development Bank, Export-Import Bank of China и унгарската филијала на Bank of China. Но, тогашниот унгарски премиер Виктор Орбан јавно тврдеше дека заемот за Македонија не потекнува од тие кинески средства, бидејќи тие биле врзани за конкретни проекти во Унгарија. Директна финансиска трага што би потврдила дека средствата дадени на Македонија се токму од кинескиот заем досега не е јавно утврдена.

СДСМ во денешната реакција повторно ги поврза овие процеси и со најавеното ширење на српски медиумски компании во Македонија, споменувајќи ги проектите поврзани со „Ало“ и Euronews Македонија. Партијата тврди дека станува збор за поширока мрежа на политичко и медиумско влијание, но за постоење координирана операција меѓу властите во Македонија, Србија, Кина или Русија засега нема јавно презентирани институционални докази.

„Ништо не е случајно. Ова е свесна политика на Мицкоски да ја држи Македонија далеку од ЕУ, во изолација и поблиску до авторитарни сили и источни влијанија“, порача СДСМ.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?