Ливерпул и ПСЖ договорија: Баркола доаѓа на „Енфилд“

По многу перипетии и шпекулации, стигна потврда дека управата на Ливерпул постигнала договор со Пари Сен Жермен за трансфер на Бредли Баркола.

Тој и официјално треба да стане четвртото големо засилување на англискиот гигант ова лето.

Според информациите од повеќе релевантни извори, ПСЖ попуштил и ја прифатил понудата на Ливерпул, која со вклучените бонуси може да достигне дури 140 милиони евра.

Баркола одамна ги договорил личните услови со англискиот клуб, а откако и ПСЖ дал зелено светло, останува Французинот да отпатува на лекарски прегледи и да го стави потписот на договорот.

Доколку се активираат сите бонуси, Баркола ќе стане второто најскапо засилување во историјата на Ливерпул. Неговата цена би го надминала износот од 125 милиони евра што клубот го плати за Флоријан Вирц, иако и трансферот на Германецот може дополнително да порасне преку бонуси. Рекордот и натаму го држи Александар Исак, за кого Ливерпул пред една година му плати на Њукасл 145 милиони евра.

Баркола треба да биде едно од клучните решенија во офанзивата на тимот, каде што веќе се наоѓаат Виктор Муњоз, Коди Гакпо, Рио Нгумоа, Вирц и Исак.

Францускиот репрезентативец во ПСЖ пристигна во летото 2023 година од Лион за 45 милиони евра. За нешто повеќе од три години во Париз одигра 152 натпревари, постигна 39 гола и забележа 37 асистенции, освојувајќи ги практично сите достапни трофеи.

Сепак, Баркола никогаш не успеа да добие статус на недопирлив стартер во конкуренција со Хвича Кварацхелија и Дезире Дуe. Токму тоа, според информациите, е една од причините поради кои тој решил да го прифати предизвикот во Премиер-лигата.

Со неговото доаѓање, Ливерпул продолжува со засилување на тимот. Баркола е четвртиот нов играч, по Виктор Муњоз, како и дефанзивците Џереми Жаке и Роналд Араухо.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?