Државната безбедност не била загрозена со неговата изјава дека американски воени авиони ги користат македонските аеродроми како логистичка точка на пат кон Персискиот Залив, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски во Владата, отфрлајќи го новинарското прашање како „несмасно, злонамерно и неточно“.
Мицкоски одговараше на новинарски прашања по потпишувањето на договорот за проектирање и изградба на интерконективниот гасовод меѓу Македонија и Србија. Тој беше прашан дали со објавувањето информации за движењето на американските воени авиони ја изложил земјата на безбедносен ризик.
Прашањето следуваше по интервјуто на Мицкоски за американскиот портал „Брајтбарт“, во кое тој изјави дека американски воени авиони секојдневно слетуваат и полетуваат од македонските аеродроми. Според неговата изјава, дел од леталата се задржуваат за паркирање и одмор, а потоа повторно заминуваат кон Персискиот Залив.
Премиерот денеска ја отфрли констатацијата дека со оваа изјава ја загрозил безбедноста на државата. Како образложение го посочи членството на Македонија во НАТО и обврските што произлегуваат од односите со стратешките партнери.
„Со членството во НАТО-алијансата ние имаме свои обврски и односи со нашите стратешки партнери“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека Македонија без дилема застанува зад своите партнери кога им е потребна логистичка поддршка, бидејќи тоа, според него, е во согласност и со стратешките интереси на државата. Мицкоски им се извини на американските партнери за, како што рече, констатацијата изнесена преку новинарското прашање.
Во интервјуто за „Брајтбарт“, премиерот рече дека македонскиот воздушен простор е отворен за американските воени летала и дека државата е подготвена да продолжи да му ја обезбедува оваа поддршка на американското воено воздухопловство.
Ниту во интервјуто ниту во денешниот одговор не беа објавени информации за типовите воени авиони, аеродромите што ги користат или природата на логистичката поддршка. Не беше прецизирано ниту дали за време на престојот во Македонија леталата се снабдуваат со гориво или со друга опрема.
Прашањето за можните безбедносни последици беше поставено и во контекст на неодамнешните предупредувања што официјален Техеран ги упати до Бугарија. Иранските власти побараа бугарската територија да не се користи за американски или израелски воени операции против Иран и порачаа дека го задржуваат правото да одговорат на евентуален напад од територијата на друга држава.

