Џон Ретклиф, директорот на ЦИА кого Доналд Трамп ненадејно го испрати во Москва во еден од најчувствителните моменти во односите со Русија, е единствениот Американец кој раководел и со ЦИА и со целата американска разузнавачка заедница. Неговата кариера, сепак, не почнува во тајните служби, туку во правото, обвинителството и политиката.
Ретклиф пристигна во Москва на 25 август на ненајавена посета и разговараше со претставници на руските разузнавачки служби. Кремљ потврди дека немал средба со Владимир Путин, но рускиот претседател бил информиран за разговорите. Белата куќа ја опиша посетата како „полурутинска“, додека американски медиуми објавија дека една од пораките била предупредување Москва да не презема чекори што би можеле да доведат до директен судир со НАТО.
Ретклиф е роден во 1965 година. По студиите по право работел како адвокат и федерален обвинител во Тексас, каде бил вклучен во прашања поврзани со националната безбедност и антитероризмот. Во 2014 година влезе во Претставничкиот дом, каде беше член на комитетите за разузнавање, домашна безбедност и правосудство.
Во Вашингтон особено се истакна за време на првиот мандат на Трамп. Како републикански конгресмен беше еден од неговите најгласни бранители при истрагата на специјалниот обвинител Роберт Малер за руското мешање во изборите во 2016 година, а силно го бранеше претседателот и во текот на првата постапка за импичмент.
Токму блискоста со Трамп го направи и контроверзен избор за врвот на американското разузнавање.
Трамп првпат го предложи за директор на Националното разузнавање во 2019 година, но кандидатурата беше повлечена по само неколку дена поради сомнежи околу неговото искуство и прашања дали во биографијата ги преувеличувал своите улоги во некои антитерористички и обвинителски случаи. Неколку месеци подоцна Трамп повторно го номинираше, а Сенатот во мај 2020 година го потврди со 49 гласа „за“ и 44 „против“.
Како директор на Националното разузнавање, Ретклиф формално застана над целата американска разузнавачка заедница. Неговиот мандат повторно беше проследен со обвинувања од демократите дека политизира разузнавачки информации, особено откако објави непроверени руски разузнавачки наводи поврзани со Хилари Клинтон непосредно пред изборите во 2020 година. Ретклиф ги отфрлаше обвинувањата дека работи во партиски интерес.
Еден од неговите главни фокуси беше Кина. Како директор на Националното разузнавање ја постави Народна Република Кина како еден од главните долгорочни разузнавачки приоритети на САД, со акцент на економското, военото, технолошкото и сајбер натпреварување.
По враќањето на Трамп во Белата куќа, Ретклиф ја презеде ЦИА на 23 јануари 2025 година. Со тоа стана првиот човек во американската историја кој претходно бил директор на Националното разузнавање, а потоа и директор на Централната разузнавачка агенција.
Разликата меѓу двете функции е значајна. Директорот на Националното разузнавање ја координира пошироката американска разузнавачка заедница, додека директорот на ЦИА непосредно раководи со агенцијата задолжена за странско разузнавање, човечки извори, контраразузнавање и тајни операции.
Во ЦИА, Ретклиф најави поголем фокус на собирањето разузнавачки информации, прикриените операции и главните геополитички противници на САД. Агенцијата во официјалната биографија наведува и дека тој имал улога во обезбедувањето ослободување на американски државјани задржани во Русија.
Затоа неговото испраќање во Москва не е случаен избор.
Ретклиф е човек од најтесниот безбедносен круг на Трамп, со директен пристап до претседателот и искуство од двете највисоки нивоа на американскиот разузнавачки систем. Во исто време, неговата политичка блискост со Трамп со години предизвикува сомнежи кај противниците дали може целосно да ја одвои политиката од разузнавачката работа.
Посетата на Москва неизбежно потсетува и на ноември 2021 година, кога тогашниот директор на ЦИА Вилијам Барнс беше испратен во руската престолнина за директно да предупреди за последиците од евентуална инвазија врз Украина. Три месеци подоцна Русија ја започна целосната инвазија. Ретклиф е првиот познат шеф на ЦИА кој оттогаш отпатувал во Москва.

