Поранешниот командант на Војската на Република Српска и правосилно осуден воен злосторник Ратко Младиќ почина на 83-годишна возраст во притворската единица на Обединетите нации во Шевенинген, Хаг. Веста за неговата смрт ја потврди неговото семејство за Euronews Србија, а ја пренесе и Reuters.
Младиќ издржуваше доживотна затворска казна за геноцид во Сребреница, злосторства против човештвото и воени злосторства извршени за време на војната во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година. Правосилната пресуда беше потврдена во 2021 година.
Судот го прогласи за виновен за геноцид врз Бошњаците во Сребреница во 1995 година, прогон, истребување, убиства, депортација и присилно преместување, како и за кампањата на терор, снајперски и артилериски напади врз цивилите во опколено Сараево и земање припадници на Обединетите нации како заложници.
Младиќ беше уапсен во Србија во мај 2011 година, по речиси 16 години бегство, а потоа беше предаден на Хашкиот трибунал.
Неговата здравствена состојба во последниот период беше тешка. Семејството и адвокатите повеќепати бараа да биде ослободен од хуманитарни причини и префрлен на лекување во Србија. Последното такво барање беше одбиено непосредно пред неговата смрт.
Ратко Младиќ останува една од централните фигури на војните по распадот на Југославија и еден од највисоко рангираните воени команданти правосилно осудени за геноцид од меѓународен суд.

