Ратко Младиќ почина во Хаг, каде ја издржуваше доживотната затворска казна за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства. Зад него останува една од најмрачните биографии од војните при распадот на Југославија, а пред сè Сребреница – местото каде во јули 1995 година силите под негова команда систематски убија повеќе од 8.000 бошњачки мажи и момчиња.
Младиќ речиси 16 години ја избегнуваше правдата. Во првите години по војната не живееше како човек кого го бара меѓународен суд. Имаше обезбедување, контакти во воените структури, се движеше низ Србија и Босна и со години имаше мрежа што го штитеше. Кога конечно беше пронајден во 2011 година, беше во куќата на свој роднина во селото Лазарево, околу сто километри од Белград.

Но приказната за човекот што во светските медиуми го доби прекарот „касапот на Босна“ не почнува со неговото бегство. Таа кулминира во неколку јулски денови во 1995 година, кога една зона што Обединетите нации ја прогласија за безбедна беше претворена во место на геноцид.
Од офицер на ЈНА до командант на босанските Срби
Младиќ е роден во 1942 година во Босна. Неговиот татко бил партизан и загинал во Втората светска војна. Младиќ подоцна се определил за професионална воена кариера и станал офицер на Југословенската народна армија. По распадот на Југославија и почетокот на војната во Босна, на 12 мај 1992 година бил поставен на чело на Главниот штаб на Војската на Република Српска, ВРС. На таа функција останал најмалку до ноември 1996 година.
Токму како највисок воен командант тој стана една од клучните фигури во босанската војна. Хашкиот трибунал подоцна утврди дека учествувал во заеднички криминални потфати чија цел била трајно отстранување на Бошњаците и Хрватите од територии на кои босанските Срби полагале право, тероризирање на Сараево со снајперски и артилериски напади, земање припадници на ОН како заложници и елиминирање на бошњачката заедница во Сребреница.
Сребреница беше „безбедна зона“, но само на хартија
Сребреница беше преполна со бегалци од околните места и од 1993 година имаше статус на заштитена зона на Обединетите нации. Во неа беше распореден холандскиот баталјон Dutchbat, но со ограничени сили и вооружување.
Во март 1995 година, политичкиот лидер на босанските Срби Радован Караџиќ ја издаде Директивата 7 со која се бараше за населението во Сребреница да се создаде состојба на целосна несигурност и без перспектива за опстанок. На 31 март Младиќ ја потпишал Директивата 7/1, со која политичката наредба била преточена во оперативни воени задачи. Неколку недели пред нападот бил разработен планот „Криваја 95“.
Нападот почна на 6 јули 1995 година. Силите на ВРС напредуваа кон енклавата, палејќи бошњачки куќи и села. На 11 јули влегоа во Сребреница.

Тој ден камера го сними Младиќ како чекори низ освоениот град и изговара реченица што ќе остане еден од најпознатите снимени моменти од војната:
„Дојде време да им се одмаздиме на Турците во овој крај.“
Во терминологијата што ја користеле босанските српски сили, „Турци“ бил погрден назив за Бошњаците. Хашкиот трибунал подоцна ја анализираше оваа и други негови изјави како дел од доказите за неговата намера.
Потоа почна раздвојувањето
Кога Сребреница падна, десетици илјади цивили се упатија кон базата на ОН во Поточари.
До 12 јули таму биле собрани меѓу 25.000 и 30.000 Бошњаци, главно жени, деца и постари лица. Немало доволно храна, вода или медицински материјали, а околу базата владеела атмосфера на страв.
Младиќ лично учествувал на состаноците во хотелот „Фонтана“ во Братунац со претставници на Dutchbat и со Бошњаци избрани да ги претставуваат цивилите.
Јавно се зборувало за „евакуација“.
Она што следувало било нешто сосема друго.
Од 12 до 14 јули ВРС и полицијата на Република Српска организирале автобуси и камиони со кои околу 25.000 жени, деца и постари лица биле насилно отстранети од енклавата.
Мажите биле систематски одвојувани.
Судот утврди дека меѓу издвоените имало момчиња од само 12 години, но и мажи постари од 60 години. На нивните семејства им било кажувано дека мажите ќе дојдат подоцна.
Не дошле.
Околу 15.000 тргнаа низ шумите
Дел од мажите не отишле во Поточари. Околу 15.000 Бошњаци во ноќта по падот на Сребреница тргнале низ шумите кон територијата под контрола на Армијата на Босна и Херцеговина, обидувајќи се да стигнат до Тузла.
Колоната подоцна ќе стане позната како „Марш на смртта“.
Голем дел биле заробени од силите на ВРС. Меморијалниот центар Сребреница наведува дека повеќе од две третини од луѓето што тргнале по оваа рута биле заробени и убиени.

Други мажи биле земени директно од Поточари.
Двете групи потоа биле спојувани во импровизирани центри за притвор и транспортирани кон повеќе места за масовни егзекуции во областите на Сребреница, Братунац и Зворник.
Кравица, Ораховац, Петковци, Брањево, Пилица, Козлук
Убиствата не биле еден изолиран масакр на една локација. Се работело за серија организирани масовни егзекуции во период од неколку дена.
На 13 јули во долината Церска биле убиени околу 150 заробеници.
Истото попладне следувал еден од најголемите масакри. Во магацинот во Кравица биле затворени огромен број заробени Бошњаци. Хашкиот суд во пресудата за Младиќ утврди дека на 13 и 14 јули таму биле егзекутирани околу 1.000 невооружени мажи, меѓу кои имало и деца и постари лица. Меморијалниот центар врз основа на пошироките истраги наведува повеќе од 1.300 убиени на оваа локација.
На 14 јули околу 1.000 заробеници биле однесени во училиштето во Грабавци кај Ораховац. Им било кажано дека ќе бидат разменети. Наместо тоа, биле одведени на полиња во близина и стрелани.
Следните групи биле држени во училиштето во Петковци, а потоа однесени кон браната во близина, каде биле егзекутирани.
На 16 јули на Воената фарма Брањево биле убиени меѓу 1.000 и 1.200 бошњачки цивили. Дел од нив биле со врзани раце и превези на очите.
Истиот ден околу 500 мажи и две жени биле убиени во Домот на културата во Пилица.
Кај Козлук биле егзекутирани уште околу 1.000 луѓе, а помали убиства продолжиле и во следните денови.
За само неколку дена, огромен дел од машката бошњачка популација на Сребреница исчезнал.
Меморијалниот центар денес ги чува имињата на 8.372 жртви на геноцидот. Меѓународната комисија за исчезнати лица со ДНК анализа помогна да бидат идентификувани околу 7.000 жртви.
Што утврди судот за личната улога на Младиќ
Едно од клучните прашања на судењето беше дали масовните убиства биле дела на поединечни војници што излегле од контрола или организирана операција во која Младиќ имал суштинска улога.
Пресудата е недвосмислена.
Судот утврди дека Младиќ значително придонел кон заедничкиот криминален потфат во Сребреница и дека неговата улога била толку значајна што злосторствата без неговите постапки немало да бидат извршени на начинот на кој биле извршени.
При оценувањето на неговата намера, судиите се повикале на повеќе конкретни факти.
Младиќ присуствувал на состаноците во хотелот „Фонтана“.

На 12 јули издавал наредби за одвојување на бошњачките мажи од жените, децата и постарите лица.
Бил присутен во Поточари додека се вршело раздвојувањето.
На 13 јули присуствувал на состанок во командниот центар во Братунац на кој меѓу офицерите на ВРС и полицијата се разговарало за убивање или „ликвидирање“ на заробените бошњачки мажи кај Коњевиќ Поле.
Истиот ден се појавил на фудбалското игралиште во Нова Касаба и на ливадата во Сандиќи, каде биле задржани илјадници заробеници. Им давал уверувања дека ќе бидат однесени во Братунац и разменети.
Судот заклучи дека тоа биле лажни уверувања.
Конечниот заклучок беше дека Младиќ имал намера да ги елиминира Бошњаците од Сребреница преку убивање на мажите и момчињата и насилно отстранување на жените, малите деца и дел од постарите лица. Судот утврди дека намерата била уништување на Бошњаците од Сребреница како значителен дел од заштитената група и токму затоа делото било квалификувано како геноцид.
Телата повторно ги откопувале за да ги сокријат
Злосторството не завршило со егзекуциите.
Во септември и почетокот на октомври 1995 година, високи припадници на ВРС и полицијата организирале операција за прикривање на доказите. Телата биле вадени од првичните масовни гробници со тешка механизација и повторно закопувани на други, пооддалечени локации.
Тоа доведе до состојба во која делови од телото на една жртва можеле да завршат во три или четири различни гробници, понекогаш оддалечени десетици километри една од друга.
Токму затоа ДНК анализата подоцна стана клучна за идентификацијата. Меѓународната комисија за исчезнати лица утврди дека телата биле преместувани и до 50 километри од првичните места на погребување.
Судот при оценувањето на Младиќ ги земал предвид и неговото последователно негирање на злосторствата, ширењето погрешни информации и обидите медиумите да не дознаат што се случувало.
Обвинет додека во Сребреница уште се бараа исчезнатите
Хашкиот трибунал првпат го обвини Младиќ на 24 јули 1995 година, помалку од две недели по падот на Сребреница. Во ноември истата година обвинението беше проширено.
И покрај тоа, тој не беше уапсен.
Уште повеќе, Младиќ продолжил да биде командант на ВРС и по завршувањето на војната, сè до 1996 година.
Во првите години речиси и не се криел
Денес, кога се говори дека Младиќ „16 години се криел“, лесно е да се создаде погрешна слика дека целиот период го минал во подруми и тајни куќи.
Не било така.
Human Rights Watch утврди дека во првите години по Дејтон живеел во делови од Босна под меѓународна воена контрола. НАТО знаел кој е и каде се движи, но не бил уапсен. Во 1997 година, според тогашните извештаи, дури организирал свадбена прослава за синот во Белград со околу 300 гости.
Подоцна се преселил во Србија.
Во Белград имал стан во населбата Баново Брдо и заштита од луѓе поврзани со воениот и безбедносниот апарат.
Reuters, повикувајќи се на американски дипломатски документи и сведоштва, објави дека директорот на српската Воено-безбедносна агенција во 2006 година проценил дека меѓу 1997 и 2004 година мрежата што го поддржувала Младиќ броела меѓу 300 и 400 луѓе.
Се појавувал на фудбал, имал обезбедување и воена заштита
BIRN во голема истрага за годините на неговото бегство објави дека по преселбата во Србија Младиќ имал лично обезбедување, а дополнителна заштита му давале луѓе од воени структури.
Според сведоштвата собрани во истрагата, во одреден период неговото лично обезбедување броело 47 луѓе, а дополнително бил чуван и од припадници на специјална воена единица. На располагање имал возила во касарни во Страгари и Топчидер.
Неговото последно познато отворено појавување во Белград било на фудбалски натпревар меѓу Југославија и Кина, каде седел во ложа.
Дури по падот на Слободан Милошевиќ и неговото испорачување во Хаг во 2001 година кругот околу Младиќ почнал да се стеснува.
Србија тврдеше дека не знае каде е, но примаше воена пензија
Со години српските власти испраќале контрадикторни пораки.
Некои функционери тврделе дека Младиќ не е во Србија. Други признавале дека престојувал во земјата или дека државата нема сила да го уапси. Human Rights Watch уште во 2005 година заклучи дека одговорноста за неговото неапсење во тој период во најголема мера лежела кај српските власти.

Особено впечатлив е податокот дека Младиќ продолжил да има право на воена пензија. Таа била замрзната дури кон крајот на 2005 година. По неговото апсење во 2011 година, на семејството му биле исплатени околу 50.000 евра заостанати пензиски средства.
Сето ова дополнително го хранеше сомнежот дека најбараниот хашки бегалец со години не успевал да биде пронајден не затоа што бил невидлив, туку затоа што имал помош.
По 2006 година кругот се стеснил
Во 2006 година Србија уапси повеќе лица осомничени дека му помагале.
Младиќ тогаш се откажал од пошироката мрежа и сè повеќе се потпирал на семејството и блиските роднини. Се селел меѓу куќи и станови, а според BIRN, дел од информациите за неговото движење до истражителите стигнувале дури откако веќе ја сменил локацијата.
Со текот на времето неговата состојба се влошувала. Мрежата се намалувала, здравјето му било нарушено, а човекот кој некогаш располагал со цела армија завршил зависен од мал круг луѓе кои му носеле храна, лекови и информации. Reuters ја опиша последната фаза од бегството како постепено стеснување на неговиот свет.
Го нашле во куќа на роднина
На 26 мај 2011 година српските безбедносни служби влегле во куќа во Лазарево, во близина на Зрењанин.
Внатре бил Младиќ.
Не бил маскиран. Изгледал многу постар и бил во лоша здравствена состојба. Кај себе имал документи со лажен идентитет, а во првите информации се појави името Милорад Комадиќ.
Куќата била сопственост на негов роднина.
BIRN подоцна објави дека полицијата стигнала до локацијата следејќи ги контактите меѓу членовите на семејството. Кога полицајците влегле во собата, стариот човек наводно им рекол дека го нашле оној кого го бараат.
Шеснаесетгодишното бегство заврши.
На 31 мај беше испорачан во Хаг.
530 судски денови, 592 сведоци и речиси 10.000 докази
Судењето почна во мај 2012 година.
Постапката беше огромна. Судскиот совет заседавал 530 дена, сослушал или примил докази од 592 сведоци и разгледал речиси 10.000 материјални докази.
На 22 ноември 2017 година Младиќ беше прогласен за виновен по десет точки.
Осуден е за геноцид во Сребреница, прогон, истребување, убиства, депортација и присилно преместување како злосторства против човештвото, како и за убиства, терор, незаконски напади врз цивили и земање заложници како кршење на законите и обичаите на војувањето.
Доби доживотен затвор.
Во 2021 година жалбениот совет ја потврди пресудата и доживотната казна. Неговата жалба беше отфрлена во целост.
Судот не го прогласи за виновен за посебната точка за геноцид во неколку други босански општини, бидејќи обвинителството не успеа да го докаже потребниот специфичен геноциден умисол за таа точка надвор од разумно сомнение. Но пресудата за геноцидот во Сребреница остана правосилна.
Сребреница не остана само сведоштво, туку форензички докажан геноцид
Во децениите по масакрот беа откриени масовни гробници, анализирани илјадници човечки останки и земени ДНК примероци од повеќе од 20.000 роднини на исчезнатите.
Приближно 7.000 жртви се идентификувани со помош на ДНК технологијата.
Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија правно утврди дека во Сребреница бил извршен геноцид, а истиот заклучок го потврди и Меѓународниот суд на правдата.
Затоа биографијата на Ратко Младиќ денес не зависи од политичките оценки за него, ниту од тоа што дел од српската јавност со години го претставуваше како воен херој.
Таа завршува со правосилна судска пресуда.
Човекот што во јули 1995 година влезе пред камерите во Сребреница како победнички генерал, 16 години подоцна беше изведен пред меѓународен суд, а последните години од животот ги помина како правосилно осуден за геноцид.
Во Поточари, пак, останаа илјадници бели надгробни споменици и 8.372 имиња кои објаснуваат зошто неговото име останува неразделно од најтешкото злосторство во Европа по Втората светска војна.

