МВР информира дека синоќа во 22:15 часот на Граничен премин Табановце, на излез од државата, полициски службеници извршиле проверка на патничко возило „мерцедес бенз“ со српски национални ознаки, управувано од 51-годишната И.М од Србија.
При извршената проверка, преку системот „Безбеден град“ било констатирано дека И.М. била евидентирана како сторител на кривично дело по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“, односно на автопатот А-1, Демир Капија- Гевгелија, управувала со возилото со брзина од 168 километри на час на место каде максималната дозволена брзина е 80 километри на час. И.М. е лишена од слобода и ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Утрово пак, во 05:00 часот на истиот граничен премин, на излез од државата, полициски службеници извршиле проверка на патничко возило „ауди“ со холандски национални ознаки, управувано од А.А.(32) од Холандија. При извршената проверка, преку системот „Безбеден град“ било констатирано дека А.А. бил евидентиран како сторител на кривично дело по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“, односно на автопатот А-1, во близина на Демир Капија, управувал со возилото со брзина од 177 километри на час на место каде максималната дозволена брзина е 80 километри на час. А.А. е лишен од слобода и ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

