Демографскиот пад стигна и до училишните клупи во Делчевско, каде Општина Делчево донесе одлука за привремен престанок со работа на четири подрачни училишта во селата Габрово, Ѕвегор, Стамер и Вирче. Одлуката е донесена поради драстичното намалување на бројот на ученици, но и поради високите трошоци за одржување на училиштата.
Советот на Општина Делчево на денешната седница ги стави во мирување подрачните училишта што работат во рамки на основните училишта „Ванчо Прке“ и „Св. Климент Охридски“. Според општината, одлуката следува по изработен оптимизациски план и анализа направена во соработка со Министерството за образование и наука.
Финансискиот аспект е уште една причина за ваквата одлука. Според податоците на Општина Делчево, работата на овие подрачни училишта годишно ги чини двете матични училишта по околу пет милиони денари. Во исто време, бројот на ученици во општината континуирано се намалува.
Податоците од програмата за образование на Општина Делчево покажуваат дека во учебната 2025/2026 година во општината учеле вкупно 1.236 ученици, што е за 145 ученици помалку во споредба со учебната 2022/2023 година. Особено изразен е падот во средното образование, каде бројот на ученици за две години се намалил од 390 на 304.
Се намалува и бројот на деца што првпат седнуваат во училишните клупи. Во учебната 2025/2026 година во двете основни училишта во Делчево биле запишани 111 првачиња. Во 2022 година нивниот број бил 115, додека во 2015 година во општината имало 142 првачиња.
Состојбата во Делчево е дел од поширокиот демографски тренд во источниот регион. Според податоците на Државниот завод за статистика, во Источниот регион во 2024 година биле регистрирани 936 живородени деца, наспроти 1.974 починати лица, што значи природен прираст од минус 1.038 жители.
Во пошироки рамки, намалувањето на бројот на ученици веќе доведе до најави за затворање или оптимизација на повеќе подрачни училишта низ земјата. Министерството за образование и наука претходно најави дека процесот ќе опфати околу 20 подрачни училишта, главно во рурални средини каде има многу мал број ученици.
Во Делчево, учениците од четирите подрачни училишта по нивното ставање во мирување ќе го продолжат образованието во градските училишта. Општината истовремено донесе одлуки за формирање паралелки со помал број ученици и комбинирани паралелки, како дел од процесот на оптимизација на училишната мрежа.

