Затемнување на Месечината ќе биде видливо од Скопје утре, на 28 август, во часовите пред изгрејсонце, а Скопското астрономско друштво организира јавно набљудување со телескоп и двоглед на паркингот пред Кале.
Набљудувачите ќе се собираат од 4:30 до 6 часот, додека најдобриот период за следење на небесниот феномен ќе биде меѓу 4:30 и 5:45 часот. Настанот е отворен за сите што се подготвени да станат порано и да го дочекаат утрото под отворено небо.
Затемнувањето ќе започне во 3:23 часот, кога Месечината ќе навлезе во Земјината полусенка. Делумната фаза почнува во 4:33 часот, кога потемниот дел од Земјината сенка постепено ќе го прекрива лунарниот диск.
Најизразената фаза што ќе може да се следи од Скопје се очекува околу 5:56 часот. Во тој момент Месечината ќе биде мошне ниско над западниот хоризонт и непосредно пред заоѓање, поради што Кале нуди поповолна и поотворена глетка.
Затемнувањето ќе може да се набљудува и од други локации со непречен поглед кон запад и југозапад. Телескоп или двоглед ќе овозможат подобра глетка, но феноменот ќе биде видлив и со голо око доколку временските услови бидат поволни.

