Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по повод празникот Успение на Пресвета Богородица упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан, до свештенството, монаштвото и до сите православни верници.
Во честитката таа порача дека празникот потсетува на духовната сила, пожртвуваноста, истрајноста и мајчинската љубов на Пресвета Богородица.
„Во време обременето со искушенија и премрежија, верувам дека ликот на Мајката Божја нѐ инспирира и храбри сите нас да истраеме на патот на доброто, градењето на заедништвото, грижата и солидарноста во заедницата, чувајќи и негувајќи го мирот во неа“, порача Сиљановска-Давкова.
Претседателката посака храмовите на Македонската православна црква во земјава и во дијаспората да бидат исполнети со верници обединети во христијанската љубов.
„За многу години нека е големиот празник, Успение на Пресвета Богородица“, се наведува во честитката.

