Ако „Љубење на Дениција“ симболично го разбереме како љубење на Македонија, тогаш „Живеење со Дениција“ е следниот чекор. Повеќе не мора постојано да ѝ докажуваме на Дениција дека ја сакаме. Таа е тука, јазикот е тука, основите на книжевноста се тука. Тука се и институциите, со сите нивни маани.
Миле БОШЊАКОВСКИ
Очигледно доцниме со некои просветлувања. И, не мислам на духовните. За нив секој поединечно би требало да си води сопствена сметка. Мислам на културните просветлувања. И, доколку некому му пречи зборот, намерно е употребен бидејќи сметам дека токму културата е процес кој води кон поширок, да не речам колективен, развој на свеста. Концептов во одредена форма пред неколку години го чув во разговор со сега веќе починатиот Др. Тодор Чепреганов.
Ќе започнам со тезата повторувајќи ја веројатно најпознатата реченица што му ја припишуваме на Гоце Делчев:
„Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар меѓу народите.“
Долу во фуснотата ја имате во оригинал како гласи запишана од Пејо Јаворов бидејќи станува збор всушност за парафразирање на Гоце.
Многу ми е важно да не измислуваме историја таму каде што изворите не дозволуваат. Да бидам јасен: не знаеме кога точно Гоце ја кажал оваа реченица, каде ја кажал, ниту во кој конкретен разговор. Јаворов тоа не го запишал. Тој пишува „говорѣше той“ – „велеше тој“ – што повеќе укажува дека станувало збор за мисла која Делчев ја повторувал или која Јаворов ја паметел како карактеристична за него.
Но затоа многу добро ни е познат контекстот во кој Јаворов ја става.
Непосредно пред реченицата тој пишува дека Гоце никогаш во своите постапки не го внесувал „оној груб шовинизам кој го помрачува и најсветлото дело“. Потоа следува мислата за светот како поле за културен натпревар меѓу народите. Ова за мене е многу поважно од сите наши денешни обиди Делчев, повеќе од еден век подоцна, механички да го сместиме во некоја современа политичка кутија.
Јаворов ни кажува нешто друго, а тоа е дека Гоце успеал да се издигне над грубиот шовинизам што го произведувале националните судири на Балканот во неговото време. Кој би рекол дека повеќе од сто години подоцна истиот регион во голема мера ќе остане заглавен токму во она што Гоце еволутивно го надминал уште тогаш.
Но оваа колумна не е за Гоце, туку за неговата реченица.
За културниот натпревар меѓу народите.
И овде ќе се обидам да направам еден мал историски преглед. Знам дека ќе се јават многумина кои ќе ме прашаат: „Ама чекај сега, според кои критериуми вреднуваш што е светско, а што не е?“ и слично, ама тука да сме на јасно веднаш, јас сум си судија на сопствените мисли. А дали имам кредибилитет некои од тие ставови да ги кажам јасно и „на глас“, мислам дека е одговорено со самото мое пишување.
Но не сметам дека сме лоши. Напротив, кога ќе погледнеме внимателно, ќе видиме неколку исклучителни македонски пробиви на светската културна сцена.
Проблемот е што тие најчесто остануваат токму тоа, индивидуални пробиви. Можеме убаво да ги наречеме „блесоци“, а можеме и помалку убаво „инциденти“. Немаме континуирана културна продукција која од генерација во генерација произведува автори и дела способни рамноправно да учествуваат во тој натпревар.
Најочигледниот пример за тоа колку далеку можеме да стигнеме е филмот.
„Пред дождот“ на Милчо Манчевски во 1994 година го освои Златниот лав на Венецискиот филмски фестивал, една од најголемите награди што може да ги освои еден филм, а потоа беше номиниран за Оскар за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје. Ова не е регионален успех, ова е светски резултат.
Но, всушност, македонската врска со Оскарите почнува уште порано. Столе Попов во 1980 година добива номинација за Оскар за краткиот документарен филм „Дае“, снимен во 1979 година.
Дваесет и пет години подоцна, „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов направи нешто историско: стана првиот документарен филм номиниран за Оскар истовремено и за најдобар документарен и за најдобар меѓународен филм. Претходно, на Санденс, филмот освои три награди.
Тука резултатите сами зборуваат. Филмот е област во која Македонија има сосема легитимни светски достигнувања.
Кај музиката сликата е малку поинаква.
Регионално сме оставиле сериозна трага. „Леб и сол“ одамна се дел од заедничката музичка историја на поранешна Југославија. „Мизар“ создаде звук кој тешко може да се помеша со некој друг. Тоше Проески веројатно е последниот македонски поп-изведувач кој вистински успеа да биде заедничка ѕвезда на огромен простор надвор од Македонија.
Но регионот не е светот. Ако бараме музички еквивалент на настапување во светската лига, тогаш најчистиот пример е Симон Трпчески.
Човек кој настапувал со Њујоршката филхармонија, Лондонскиот симфониски оркестар, Кралскиот Концертгебау, оркестрите на Чикаго, Кливленд, Сан Франциско и Лос Анџелес; кој имал рецитали во Карнеги хол во Њујорк и Вигмор хол во Лондон, а настапувал и во лондонскиот Ројал фестивал хол.
И овде веќе ја препознаваме реченицата на Гоце. Не затоа што Симон таму настапува „против“ Американците, Британците или Холанѓаните. Туку затоа што излегува на истите сцени на кои излегуваат најдобрите од светот. И таму веќе не е важно колкава е државата од која доаѓаш. Мора да бидеш еднакво добар.
Посебно место во оваа приказна има „Анастасија“ и музиката за „Пред дождот“.
Горан Трајкоски, Златко Ориѓански и Зоран Спасовски не ја измислија својата естетика за потребите на филмот. Со години претходно, низ „Падот на Византија“, „Мизар“, „Апореа“, „Лола В. Стаин“ и други проекти, се создаваше еден специфичен музички јазик. Во „Пред дождот“ тој јазик, во точен историски момент, се спои со светската филмска естетика. И нешто длабоко локално одеднаш стана целосно разбирливо глобално.
„Анастасија“, според мене, а можеби тука веќе станува збор и за личен вкус е токму една од најдобрите дефиниции за успешен културен натпревар со светот или нешто длабоко наше кое не мора да престане да биде наше за да стане светско.
И тука доаѓам до книжевноста.
Македонската повоена книжевност имала огромна историска задача.
Требало да воспостави книжевност на стандардизиран македонски јазик, да изгради канон, да создаде институции, автори и читатели и, можеби најважно, да изгради културна самодоверба на еден народ кој штотуку добил сопствена државна и институционална рамка.
Таа генерација оваа работа ја заврши маестрално. Но секоја успешно завршена историска задача создава нова. И тука, за мене, требало да се случи преминот од „Љубење на Дениција“ кон „Живеење со Дениција“.
Намерно ја земам големата поема на Петре М. Андреевски како метафора.
Ако „Љубење на Дениција“ симболично го разбереме како љубење на Македонија, тогаш „Живеење со Дениција“ е следниот чекор. Повеќе не мора постојано да ѝ докажуваме на Дениција дека ја сакаме. Таа е тука, јазикот е тука, основите на книжевноста се тука. Тука се и институциите, со сите нивни маани.
Следната задача е на тој јазик да создадеш нешто што ќе биде големо не затоа што е македонско, туку ќе биде големо дело кое случајно или прекрасно е напишано на македонски.
Да напишеш роман кој ќе биде важен во Париз, Берлин, Лондон или Њујорк без читателот таму да има каква било обврска да ја знае нашата историја.
Тоа јас би го нарекол „Живеењето со Дениција“.
И тука мора да бидеме фер кон неколку луѓе што веќе го направиле или го прават тоа.
Горан Стефановски одамна ги надмина границите на поранешна Југославија. Неговите текстови се играни во Лондон, Париз, Стокхолм, Германија, САД и на други сцени. Истото важи и за Дејан Дуковски. „Буре барут“ и други негови текстови се поставувани од Британија и Холандија до Скандинавија и Јапонија.
Гоце Смилевски ја доби Европската награда за литература за „Сестрата на Зигмунд Фројд“. Лидија Димковска е исто така добитничка на Европската награда за литература, со дела преведени на повеќе јазици.
Никола Маџиров можеби е уште почист пример за автор кој одамна излегол од регионалната рамка. Неговата поезија е преведувана и објавувана ширум светот, добитник е на значајни меѓународни признанија, а неговиот поетски живот одамна не зависи од тоа дали некој надвор од Македонија претходно слушнал за Македонија.
Кај поновата генерација особено интересна е Румена Бужаровска. Не затоа што веќе освоила некаков книжевен еквивалент на Златниот лав. Не е тоа поентата. Туку затоа што нејзините книги природно патуваат. Се преведуваат, се издаваат, се читаат и резонираат со публика која нема никаква обврска да го познава нашиот национален контекст за да ги разбере.
Тоа е „Живеење со Дениција“.
Да не ја заборавиме ликовната уметност. Токму таму, можеби уште пред филмот, музиката и современата книжевност, имаме луѓе кои многу рано се нашле директно во светскиот културен метеж.
Лазар Личеноски и Никола Мартиноски се нашите големи класици, но важно е да се потсетиме дека тие не се формирале во некаков изолиран балкански простор. И двајцата во втората половина на дваесеттите години од минатиот век престојуваат и се усовршуваат во Париз, кој во тој период е културниот центар на светот.
Тоа е градот на Пикасо, Матис, Жоан Миро, Ман Реј, Константин Бранкуши, Марк Шагал, Амедео Модиљани од непосредно претходната генерација, а истовремено градот во кој живеат, пишуваат и се движат Ернест Хемингвеј, Гертруда Стајн, Ф. Скот Фицџералд, Езра Паунд, Џејмс Џојс, Самјуел Бекет.
Немаме никаква основа да тврдиме дека Личеноски или Мартиноски ги познавале овие луѓе. Но и двајцата во истиот период биле таму. Можеби никогаш не испиле вино со Хемингвеј или со Пикасо. Но сосема е можно да пиеле вино на неколку маси растојание од луѓето што денес ги читаме и ги гледаме по музеите како икони на XX век. И токму тоа е важно за приказната за културниот натпревар.
Личеноски и Мартиноски не отишле таму да им објаснуваат на Французите колку е стара Македонија. Отишле да учат сликарство, да гледаат, да споредуваат и да создаваат нешто свое.
Во следните генерации таа линија не исчезнува. Петар Мазев станува еден од клучните автори на македонската модерна и изложува низ светот. Особено значајни се Димитар Кондовски, Глигор Чемерски, Петар Хаџи Бошков, Боро Митриќески, а уметници од поновите генерации, како Миро Масин, продолжуваат да изложуваат надвор од земјата – во Лондон, Париз и други европски центри.
И кога ќе ги собереме сите овие имиња во сите сфери на македонската култура, станува јасно дека би било и неправедно и фактички неточно да кажеме дека Македонија нема луѓе кои учествуваат во светскиот културен натпревар.
Имаме, но проблемот е друг. Имаме индивидуални светски пробиви, но немаме систем кој континуирано произведува услови за светски пробиви. Ова е сериозен проблем, затоа што талентот очигледно го имаме.
Прашањето е дали имаме систем кој ќе направи млад македонски уметник денеска да биде во Берлин, Лондон, Париз, Њујорк или Венеција не како егзотичен исклучок кој сам си го пробил патот, туку како нормален производ на една отворена култура.
Ако погледнеме пак од наопаку можеби и грешам. Можеби баш индивидуалните блесоци ќе ни ја донесат следната фаза – „Живеењето со Дениција“. Првата генерација требаше да ја создаде македонската култура. Следните генерации требаше да ја институционализираат.
Нашата генерација веќе нема никакво оправдување да остане само на тоа.
Нашата задача е да создадеме услови македонската култура да излезе надвор и да се натпреварува. И можеби затоа реченицата на Гоце Делчев и по повеќе од сто години звучи толку модерно.
Значи, до каде сме ние во културниов натпревар?
Подалеку отколку што понекогаш самите си признаваме. Но многу поблиску до почетокот отколку што сакаме да веруваме.
Сега веќе прашањето не е дали Македонец може да стигне таму. Тоа е одамна одговорено. Прашањето е дали некогаш ќе создадеме држава и културен систем во кој таквите луѓе нема да бидат чудесни исклучоци, туку нормална појава.
Фуснота 1 :
¹ Пејо К. Јаворов, Гоце Делчевъ, прво издание, Софија, 1904. „Азъ разбирамъ свѣта – говорѣше той – единствено като поле за културно съревнование на народитѣ.“ Реченицата е пренесена во оригиналната бугарска јазична и правописна форма на изданието. Јаворов ја наведува како карактеристична мисла на Делчев во контекст на неговото дистанцирање од „грубиот шовинизам“.

