Две малолетни деца се меѓу тројцата македонски државјани кои загинаа во тешката сообраќајна несреќа во Словенија, потврди Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
До македонската Амбасада во Љубљана било доставено официјално известување од словенечката полиција за несреќата што се случила на 27 август на автопатот А1, во близина на Унец.
„Во незгодата животот го загубиле три лица – едно полнолетно и две малолетни лица, државјани на Република Северна Македонија“, информираат од МНР.
Во автомобилот имало вкупно петмина македонски државјани. Другите две лица се повредени и биле пренесени на болничко лекување, едното со хеликоптер, а другото со амбулантно возило.
Според словенечката полиција, камион поради дефект бил запрен во простор за принудно запирање, кога патничкиот автомобил удрил во задниот лев дел од приколката. Тројцата патници починале на местото.
Од МНР соопштија дека македонската Амбасада во Љубљана е во постојана комуникација со словенечките институции и го следи случајот.
Причините и целосните околности за несреќата ги утврдува полицијата во Копер.

