САД нападнаа ирански ракетни лансери во Ормутскиот теснец

„Флотата во сенка“

Американските сили нападнаа два ирански ракетни лансери на островот Ларак во Ормутскиот теснец, во првиот директен американски удар врз Иран од крајот на јули. Вашингтон тврди дека припадници на Иранската револуционерна гарда ги подготвувале системите за операција со морски мини во еден од најважните светски коридори за транспорт на нафта и гас.

Американскиот поморски капетан Тим Хокинс изјави дека силите на Револуционерната гарда биле забележани додека ги подготвувале двата лансери на Ларак, остров кој се наоѓа непосредно до Бандар Абас и на самиот влез во Персискиот Залив. По проценката дека тие претставуваат закана за пловидбата, американските сили извршиле напад со дронови.

Ормутскиот теснец има клучно значење за светската енергетика. Низ него во нормални услови минува околу една петтина од светското снабдување со нафта, поради што секоја нова воена ескалација веднаш се одразува и на пазарите. По американскиот напад цената на нафтата „брент“ порасна за повеќе од два проценти и повторно ја надмина границата од 90 долари за барел.

Иран возврати неколку часа подоцна. Револуционерната гарда соопшти дека со балистички ракети нападнала две американски бази во Јордан, Крал Хусеин и Ал Азрак, како директен одговор на нападот врз Ларак. Според американските информации, најголемиот дел од проектилите биле пресретнати и не била пријавена поголема штета.

Техеран и Вашингтон веќе со месеци се судираат околу контролата и слободата на пловидбата низ Ормутскиот теснец. Иран воведе строги проверки на танкерите што минуваат во близина на Ларак, додека САД предупредуваат дека секој обид за минирање или дополнително блокирање на теснецот ќе биде воено спречен.

Најновата размена на удари повторно го зголемува ризикот конфликтот да се прошири, но и директно ја зголемува неизвесноста околу снабдувањето со нафта. Сообраќајот низ Ормутскиот теснец веќе е значително намален во однос на периодот пред војната, а секое ново минирање или напад врз танкер може дополнително да го наруши извозот од Персискиот Залив.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?