Навоне го исфрли Ѓоковиќ уште во првото коло на УС Опен

Новак Ѓоковиќ доживеа еден од најнеочекуваните порази во својата кариера, откако Аргентинецот Маријано Навоне го елиминира уште во првото коло на УС Опен. Навоне славеше по пет сета со 7-6(5), 5-7, 4-6, 6-2 и 6-1, по четири часа и 36 минути игра.

Ѓоковиќ беше на чекор до победата откако поведе со 2-1 во сетови и направи ранен брејк во четвртиот сет, но потоа физичките проблеми целосно го променија текот на мечот. Српскиот тенисер имаше проблеми со грбот и рамото, грчеви, а во текот на натпреварот неколкупати и повраќаше.

Навоне ја искористи ситуацијата и освои 12 од последните 15 гема, целосно преземајќи ја контролата во завршницата. За Аргентинецот ова е најголемата победа во кариерата и негов прв триумф во меч одигран во пет сета. Пред дуелот со Ѓоковиќ имаше биланс од 0-4 во вакви натпревари.

Поразот е историски и за Ѓоковиќ. Ова е негово прво испаѓање во првото коло на еден гренслем турнир по Австралија опен во 2006 година, односно по повеќе од две децении. На УС Опен досега никогаш немаше загубено во првото коло.

Триесет и деветгодишниот Ѓоковиќ во Њујорк пристигна со амбиција да ја освои рекордната 25. гренслем титула и петтиот трофеј на УС Опен. Неговата физичка состојба, сепак, беше под знак прашалник уште пред почетокот на турнирот, откако претходно рано испадна и на турнирот во Синсинати.

Навоне, кој пред мечот имаше само 12 победи во 41 натпревар на тврда подлога на АТП ниво, сега го запиша најголемото изненадување на отворањето на УС Опен и го запре Ѓоковиќ уште на првата пречка.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?