Македонските транспортни превозници денеска одржаа предупредувачки протест пред Делегацијата на Европската Унија во Скопје, барајќи итно решение за ограничувањето на престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната. Пред седиштето на Делегацијата беа паркирани товарни возила, а на протестот присуствуваа возачи, сопственици на транспортни компании и други вработени во секторот.
Превозниците бараат професионалните возачи да добијат посебен третман во однос на правилото 90/180, според кое државјаните на земји надвор од ЕУ можат да престојуваат во Шенген-зоната најмногу 90 дена во период од 180 дена. Според транспортните компании, ваквото ограничување директно го попречува извршувањето на нивната работа.
Генералната секретарка на „Макам-транс“, Билјана Муратовска, изјави дека со проблемот директно се соочуваат околу 17.000 македонски професионални возачи и приближно 100.000 возачи од целиот Западен Балкан. Од асоцијацијата велат дека различното толкување на правилата на границите создава правна несигурност и долги задржувања при проверките на деновите поминати во Шенген.
Протестот во Скопје беше координиран со превозниците од Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, каде денеска се одржуваат слични собири. Тој доаѓа еден ден пред состанокот на работната група во Брисел, од кој транспортните компании очекуваат конкретен предлог за решавање на статусот на професионалните возачи.
Од Министерството за транспорт информираат дека паралелно се работи на билатерални решенија со одделни земји од Шенген-зоната за издавање долгорочни визи. Според Министерството, договори веќе се постигнати со Швајцарија, Хрватска и Романија, а разговори се водат и со Австрија, Германија и Словенија.
Од „Макам-транс“ претходно најавија дека доколку не се постигне преодно решение, од 14 септември може да следуваат протести и блокади на товарниот сообраќај на граничните премини кон ЕУ.

