Споменик во Унгарија стана вирален, го отстранија по шест дена

Screenshot, photo: RTL Hirek

Споменик во Унгарија, поставен во градот Девечер во чест на 500-годишнината од Мохачката битка, беше отстранет само шест дена по откривањето, откако неговата необична форма предизвика лавина потсмевачки реакции на социјалните мрежи.

Дрвениот споменик требало да ја прикажува митската птица турул, еден од најпознатите национални симболи на Унгарија, со раширени крилја и војнички шлем. Намерата била преку птицата што се издигнува кон небото да се претстави историското страдање, но и повторното издигнување на Унгарија по поразот во Мохачката битка во 1526 година.

Сепак, кога конструкцијата висока пет метри била целосно составена и исправена, посетителите и корисниците на социјалните мрежи во неа препознале сосема поинаков облик. Наместо митска птица, многумина оценија дека споменикот наликува на фалус, по што фотографиите брзо се проширија низ интернетот.

Хајналка Њарш, заменик-градоначалничка на Девечер и авторка на првичната идеја, ја презеде одговорноста за резултатот. Таа призна дека готовиот споменик не изгледал онака како што бил замислен и дека неговите пропорции во реалниот простор создале визуелен ефект што никој од вклучените во проектот навреме не го забележал.

Според објаснувањата на локалните власти, одделните делови на споменикот претходно биле разгледувани на земја, но целосниот изглед станал видлив дури откако конструкцијата била поставена. Во унгарските медиуми се појавија и тврдења дека првичната скица била изработена со помош на вештачка интелигенција, додека конечната форма зависела и од дрвениот материјал што му бил достапен на резбарот.

Споменикот беше откриен на 20 август, за време на одбележувањето на унгарскиот национален празник, а на свеченоста бил и благословен. Само неколку дена подоцна, по масовните реакции и медиумското внимание, градските власти одлучија да го демонтираат.

Локалната самоуправа најави дека споменикот ќе биде преработен, по што би требало повторно да биде поставен во Спомен-паркот во Девечер.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?