Новиот вселенски телескоп „Ненси Грејс Роман“ на НАСА, чијашто цел е да ги истражува темната материја, темната енергија и далечните планети, има необично минато. Дел од технологијата што денес ќе се користи за научни истражувања првично била развивана за американски извидувачки сателити.
Телескопот треба да биде лансиран на 30 август од вселенскиот центар „Кенеди“ на Флорида со ракетата „Фалкон Хеви“ на „Спејс екс“. НАСА очекува мисијата да отвори нови можности за проучување на вселената, особено за прашањата поврзани со забрзаното ширење на Универзумот и постоењето на планети надвор од Сончевиот Систем.
Необичниот дел од приказната е поврзан со примарното огледало на телескопот. Неговата оптичка технологија потекнува од американската Национална канцеларија за извидување, институција задолжена за развој и управување со американски извидувачки сателити.
Технологијата била развивана во рамките на програмата „Фјучр имиџери аркитектчр“, која требало да создаде нова генерација американски извидувачки сателити. Проектот, меѓутоа, бил прекинат во 2005 година поради огромни трошоци и сериозни проблеми со развојот. Две неискористени оптички системи подоцна биле ставени на располагање на НАСА.
НАСА во 2012 година добила два такви системи и решила да ги пренамени за научна употреба. Наместо да служат за набљудување на цели на Земјата, технологијата и оптичките компоненти биле приспособени за набљудување на далечни галаксии, ѕвезди и планетарни системи.
Телескопот „Роман“ има огледало со дијаметар од 2,4 метри, приближно колку и огледалото на „Хабл“. Неговата главна предност, сепак, е многу поширокото видно поле. Камерата на „Роман“ ќе може да набљудува огромни делови од небото многу побрзо од „Хабл“, што ќе му овозможи да создава големи мапи на Универзумот.
НАСА планира со телескопот да се проучуваат милијарди галаксии и ѕвезди, да се бараат нови егзопланети и да се истражува темната материја и темната енергија. Посебен инструмент ќе овозможи блокирање на светлината од ѕвездите за полесно директно набљудување на некои егзопланети и дискови од материјал околу младите ѕвезди.
Мисијата е проценета на околу четири милијарди долари, а планираното времетраење на научната работа е најмалку пет години. Телескопот ќе биде поставен во близина на точката Л2, на околу 1,5 милиони километри од Земјата, каде што веќе се наоѓа и вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“.
Од технологија создадена за тајно набљудување на Земјата до инструмент наменет за проучување на најголемите космички прашања, „Роман“ претставува необичен пример за тоа како технологија развивана за воени цели може да добие целосно нова научна намена.

