Егејското море повторно ги скара Атина и Анкара: Богатсвото на морето и стариот спор за границите

Егејското

Само три години откако Грција и Турција направија обид да ги смират децениските тензии, Егејското море повторно станува жариште меѓу двете соседни земји.

Овојпат поводот изгледа речиси безопасно – заштитата на морската природа. Но зад одлуката на Турција да прогласи два морски парка се отвора старото прашање: кој има право да одредува што се случува во спорните делови на Егејското море?

Турција на 15 август прогласи два морски парка – едниот во североисточниот дел на Егејот, во подрачјето меѓу грчките острови Лимнос и Самотраки, а другиот источно од Родос, во близина на грчкиот остров Кастелоризо.

Атина веднаш реагираше, оценувајќи дека потегот е противправен и дека Турција не може еднострано да прогласува заштитени зони во области надвор од нејзините територијални води.

И тука повторно се враќа суштината на спорот.

Грција и Турција со децении се расправаат околу разграничувањето на поморските зони во Егејското море, правата врз природните ресурси, континенталниот гребен и потенцијалните економски зони. Во прашање не е само линијата на карта, туку и кој би имал право да ги користи ресурсите под морското дно, вклучително и потенцијалните нафта и гас.

Токму затоа секоја еднострана одлука во спорните морски области може да биде сфатена како политичко и геополитичко позиционирање.

Новата криза доаѓа по период на релативно затоплување на односите. По катастрофалниот земјотрес во Турција во февруари 2023 година и грчката помош, двете земји започнаа приближување, кое кулминираше со Атинската декларација за пријателски односи и добрососедство во декември истата година.

Но, декларацијата не ги реши суштинските спорови.

И токму тоа сега повторно станува очигледно.

Егејот е повеќе од туристичко море

За милиони туристи Егејското море е симбол на лето, острови и плажи. За Атина и Анкара, меѓутоа, тоа е простор од огромно стратешко значење.

Морето е тесно испреплетено со грчки острови, од кои голем број се наоѓаат во непосредна близина на турскиот брег. Тоа создава исклучително сложена ситуација кога станува збор за определување на територијалните води и економските зони.

Според меѓународното морско право, државите во принцип можат да имаат територијални води до 12 наутички милји. Но, во Егејот примената на тоа правило е политички исклучително чувствителна бидејќи би имала драматични последици врз распоредот на морските зони.

Турција уште во 1995 година прогласи дека евентуалното проширување на грчките територијални води на 12 наутички милји во Егејското море би било причина за војна. Грција, од друга страна, го задржува правото да го направи токму тоа.

Затоа секој нов потег околу морето внимателно се следи во Атина и Анкара.

Зошто сега?

Новите тензии покажуваат дека периодот на смирување меѓу двете земји бил повеќе политичко примирје отколку вистинско решавање на спорот.

Ниту една од клучните прашања – поморското разграничување, економските права и експлоатацијата на потенцијалните ресурси – не е конечно решено.

А кога на тоа ќе се додадат енергетските интереси во источниот Медитеран, спорот станува уште посложен.

Во регионот веќе се преклопуваат интересите на Грција, Турција, Кипар, Израел, Египет и Либија. Морското дно повеќе не е само прашање на географија, туку и на идни енергетски и економски ресурси.

Може ли спорот да стане нова криза?

Засега нема индикации дека Атина и Анкара се на пат кон отворен воен конфликт. Но, историјата на нивните односи покажува колку брзо спорот околу морските граници може да прерасне во сериозна политичка и безбедносна криза.

Двете земји се членки на НАТО, што го прави секој нивен конфликт особено чувствителен за Алијансата.

Парадоксот е што токму нешто што би требало да биде симбол на соработка – заштитата на морската природа – повторно се претвора во инструмент на геополитичко надмудрување.

Затоа прашањето повеќе не е само „чие е Егејското море?“.

Вистинското прашање е кој ќе ги контролира морските граници, ресурсите и економските права во Егејот во следните децении.

А одговорот сè уште го немаат ниту Атина, ниту Анкара.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?