Зголемена фреквенција на возила има утрово на граничните премини Богородица и Табановце, а на Богородица уште околу 6:45 часот била формирана долга колона од возила кои се движат кон Грција.
Според најновите информации на Автомото сојузот на Македонија, на Табановце за влез во Македонија моментално се чека околу 20 до 30 минути, додека на Богородица за излез кон Грција задржувањето е околу 15 до 30 минути.
Состојбата, сепак, може брзо да се менува поради зголемениот број возила. На снимка направена рано утрово на Богородица се гледаат повеќе колони автомобили пред преминот.
Зголемената фреквенција се поврзува со патувањата кон грчкото крајбрежје и смената на туристи на крајот од август.
АМСМ информира дека на останатите гранични премини од македонска страна во моментов нема подолги задржувања. Сообраќајот надвор од градските средини е со зголемен интензитет.
Возачите кои денеска патуваат кон Грција или Србија се советуваат непосредно пред поаѓањето да ја проверат состојбата на граничните премини, бидејќи времето на чекање може значително да се промени во текот на денот.

