Меѓународниот аеродром во Тирана на 17 август забележал рекордни 60.291 патници и 326 летови во период од само 24 часа, што е најголемиот дневен сообраќај во историјата на аеродромот. Рекордниот ден го потврдува брзиот раст на воздушниот сообраќај во Албанија, а меѓу бројните патници биле и граѓани од Македонија, Косово и Црна Гора.
Според податоците на Меѓународниот аеродром во Тирана, во текот на рекордниот ден 32 авиокомпании ја поврзале албанската престолнина со 79 дестинации во различни земји. Бројката од 60.291 патник го надмина досегашниот дневен рекорд и претставува ново највисоко ниво на сообраќај забележано на аеродромот.
Најголем број патници тој ден имало на линиите кон и од Италија, Обединетото Кралство, Полска, Турција и Белгија. Значаен дел од патниците, сепак, доаѓаат и од земјите во регионот, меѓу кои Северна Македонија, Косово и Црна Гора.
Рекордот е постигнат во текот на август, месец во кој туристичкиот сообраќај во Албанија традиционално е меѓу најинтензивните во годината. Зголемениот број летови и дестинации дополнително го зголемува бројот на патници што го користат аеродромот „Мајка Тереза“ како главна воздушна порта кон Албанија.
Аеродромот во Тирана во последните години бележи значителен пораст на сообраќајот, а проширувањето на мрежата на авиокомпании и директни линии придонесува за неговото сè поголемо значење во регионалниот воздушен сообраќај. Новиот дневен рекорд доаѓа во период кога Албанија бележи зголемен интерес од странски туристи и раст на бројот на воздушни врски.
Од аеродромот оценуваат дека рекордниот ден е показател за континуираното проширување на воздушните врски на Албанија со странство и растот на бројот на патници што ја користат Тирана како воздушен центар.

