Јовановиќ: Мицкоски е нервозен зашто ја разобличив неговата бајка за економски резултати на Владата

Јовановиќ

Јас во коментарот на премиерот само гледам нервоза поради тоа што неговата бајка за фантастичните економски резултати на владата е разобличена, и никој повеќе не ѝ верува.

Ова за Рацин.мк го изјави економскиот експерт од Виенскиот економски институт, Бранимир Јовановиќ, како коментар на премиерот Христијан Мицкоски кој денеска рече дека во интервјуто за Рацин.мк Јовановиќ  „признал дека Владата на СДСМ и ДУИ остави долг за кој денеска плаќаме камати“.

Како реакција на ова толкување на Мицкоски, во изјавата за нашиот портал Јовановиќ изнесе уште неколку факти, кои, како што вели тој, сами по себе зборуваат.

„Откако е дојдена оваа влада, јавниот долг е зголемен за 2 милијарди евра. Толку брзо зголемување немало никогаш во историјата на Македонија. Претходната влада го зголеми долгот за 4 милијарди евра, ама за 7 години. Ова сега е скоро двојно побрзо темпо на задолжување. Ова не го кажувам за да ја бранам претходната влада, и нив сум ги кртикувал за истиве работи, туку за да покажам дека оваа сега е уште полоша“, посочува Јовановиќ.

Второ, за каматите на долгот, вели Јовановиќ, само откако е дојдена оваа влада тие се зголемени за 70 милиони евра.

„Со ребалансот што го направија во 2024 веднаш откако дојдоа на власт ги зголемија овие расходи за 20 милиони евра, со следниот буџет за уште 40 милиони евра, и со најновиот буџет за оваа година за уште 10 милиони. Повторно, толкав рапиден раст на каматите немало никогаш“, истакнува Бранимир Јовановиќ.

Како трето, буџетскиот дефицит откако е дојдена оваа власт постојано надминува 4% од БДП, и во 2024, и во 2025, и сосема сигурно и оваа година, оценува Јовановиќ.

„Тоа не само што директно им штети на граѓаните, затоа што ги троши нивните пари на камати наместо на нешто што ќе им го подобри животот, туку е и противзаконски. Со новиот Закон за буџети е предвидено дека дефицитот не смее да надмине 3% од БДП, оваа влада трета година по ред го крши тој закон“, потенцира во изјавата за Рацин.мк Бранимир Јовановиќ.

За солидарниот данок Јовановиќ е на мислење дека премиерот нема никакво право да зборува, затоа што тој цело време работеше против него а на крајот и го сруши, во дослух со коморите.

„Кога се подготвуваше и носеше данокот, тој го блокираше цело време. Кога дојде на власт, неговата влада не сакаше да даде мислење за законот кога судот тоа го побара, со што директно го саботираше. Со тоа им подари 50 милиони евра на најголемите компании во државата, кои профитираа за време на кризата од 2022 година, неоправдано кревајќи ги нивните цени, во време кога граѓаните одвај крпеа крај со крај. Со тоа што премиерот не покажува никакво каење поради ова, туку останува на ставот против солидарниот данок, тој само потврдува дека не работи за граѓаните, туку за крупниот капитал“, оценува Бранимир Јовановиќ во изјавата за Рацин.мк.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?