Нов мост ќе ги спои Сарај и Ѓорче Петров, Скопје добива нов западен влез

Град Скопје планира изградба на нов мост и булеварско решение меѓу Сарај и Ѓорче Петров, со кое треба да се создаде нов сообраќаен влез во главниот град од западната страна. За проектот во Развојната програма се предвидени 420 милиони денари, а средствата се обезбедени со последниот ребаланс на градскиот буџет.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски објави видео со визуелизација на проектот, кој предвидува кружен тек со две сообраќајни ленти и челичен мост долг 110 метри. Вкупната должина на новото сообраќајно решение, заедно со мостот и кружниот тек, ќе изнесува 1.172 метри.

Од двете страни на сообраќајницата се планирани велосипедски и пешачки патеки, како и тактилни патеки за слепи и слабовидни лица.

Според Ѓорѓиевски, со новата врска треба директно да се поврзат Сарај и Ѓорче Петров и да се подобри движењето во западниот дел на Скопје.

„Со оваа инвестиција ќе обезбедиме ново и директно сообраќајно поврзување меѓу Сарај и Ѓорче Петров, полесно и побезбедно движење, подобра сообраќајна поврзаност и нова развојна перспектива за целиот западен дел на Скопје“, објави градоначалникот.

Советот на Град Скопје претходно го изгласа ребалансот на буџетот, со кој основниот буџет е зголемен за 61,76 милиони денари и достигнува 5,32 милијарди денари. Меѓу капиталните проекти опфатени со измените е токму новото поврзување на Ѓорче Петров и Сарај.

Проектот засега е во фаза на планирање и обезбедување средства, а објавената визуелизација покажува како треба да изгледа идното сообраќајно решение.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?