СДСМ: Молкот на Мицкоски за Стоилковиќ и Китановиќ значи дека Младиќ е и негов генерал

СДСМ

Опозицискиот СДСМ го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека не презема одговорност и не бара оставки од вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ и директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците Далибор Китановиќ, по нивните јавни настапи и објави поврзани со Ратко Младиќ.

Во партиското соопштение СДСМ тврди дека Стоилковиќ „го велича Ратко Младиќ“, а истовремено го обвинува дека навредувал пратеници во Собранието. Опозицијата бара одговорност и од Китановиќ, за кого тврди дека како директор на Агенцијата објавувал пофалби за Младиќ.

СДСМ во соопштението го посочува и Мирослав Тричковиќ, директор на Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на заедниците, обвинувајќи го за објавување „тешки навреди и говор на омраза“ кон СДСМ и претседателот на партијата, Венко Филипче.

Од опозициската партија велат дека станува збор за луѓе кои се дел од политичкиот круг околу Стоилковиќ, а преку него и од владината структура предводена од Мицкоски.

„Тоа е екипата на Стоилковиќ. Тоа е екипата на Мицкоски, а сите заедно се екипата на Вучиќ“, се наведува во соопштението на СДСМ.

Партијата посебно го критикува молкот на премиерот и фактот што, според нив, досега нема побарано оставки или одговорност од Стоилковиќ и Китановиќ.

„Без оставки на Стоилковиќ и Китановиќ значи дека останале на истиот став дека Младиќ е нивен генерал“, тврди СДСМ, додавајќи дека со тоа Мицкоски, како нивен политички претпоставен, „потврдил дека Младиќ е и негов генерал“.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?