Македонскиот каратист Матеј Белистојаноски го освои златниот медал на Медитеранските игри „Таранто 2026“, откако во финалето во категоријата до 67 килограми убедливо го совлада Хрватот Боран Берак со 6:0.
Дваесет и едногодишниот прилепчанец до највисокото место на победничкиот подиум стигна со четири победи во еден ден и со вкупно 19 освоени поени наспроти само два на противниците.
Белистојаноски уште во осминафиналето најави дека е во одлична форма, совладувајќи го Мустафа Алмасалмех од Сирија со 6:1. Во четвртфиналето беше подобар од Италијанецот Лука Мареска со 2:0, а во полуфиналето убедливо го победи Георгиос Балиотис од Грција со 5:1.
Во борбата за златото немаше дилеми. Против Боран Берак, Белистојаноски целосно го контролираше мечот и со чисти 6:0 ја завери титулата медитерански шампион.
Со овој успех Македонија го доби првиот златен медал на Медитеранските игри во Таранто.
Белистојаноски потекнува од Прилеп, каде ги направи првите поголеми чекори во каратето како член на „Спорт 94 – Прилеп“. Денес настапува за „Олимпик спорт“, а 2026 година за него веќе е исклучително успешна.
Во февруари тој стана и европски шампион до 21 година во категоријата до 67 килограми на Европското првенство во Лимасол.
Македонија на карате-турнирот во Таранто ја претставуваат уште Вероника Костовска во категоријата до 61 килограм и Стефан Стојановиќ во категоријата над 84 килограми.

