Опрема вредна околу 145,2 милиони денари, односно 2,3 милиони евра, набавена во претходните години сè уште не била внесена во деловните книги на Бирото за метрологија, додека мобилна лабораторија и дополнителна опрема вредни повеќе од еден милион евра во текот на 2024 година не направиле ниту една анализа на квалитетот на горивата. Ова се дел од наодите на Државниот завод за ревизија за работењето на институцијата.
Ревизорите дале неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи, како и за усогласеноста на работењето со законската регулатива. Меѓу забелешките се неусогласен попис на имотот, слабости во сметководствената евиденција, доцнење при фактурирањето и недоволно уредени процедури за управување и наплата на приходите.
Еден од најголемите проблеми е опремата вредна 145,191 милиони денари. Таа физички не е наведена како исчезната, туку не била евидентирана во деловните книги и во Билансот на состојба. Како причина е посочено неизвршеното примопредавање со Министерството за економија и труд. Ревизијата утврдила и разлика од 5,544 милиони денари меѓу сметководствената и фактичката состојба на основните средства.
Посебно внимание привлекува мобилната лабораторија за проверка на квалитетот на течните горива. Бирото во 2019 година, по одлука на Владата, ја набавило лабораторијата за 37,367 милиони денари, а во 2021 година била купена и дополнителна опрема од 24,758 милиони денари. Вкупната инвестиција надминува 62 милиони денари, или околу еден милион евра.
Но, во текот на цела 2024 година преку оваа лабораторија не била извршена ниту една анализа. Причината наведена во ревизијата е дека Државниот пазарен инспекторат не доставувал барања за испитување, иако постоел договор за користење на лабораторијата.
Ревизорите откриле сериозни доцнења и кај фактурирањето. Во 2024 година Бирото фактурирало услуги за верификација во вредност од 182,966 милиони денари, од кои 82,092 милиони денари, околу 1,3 милиони евра, се однесувале на барања поднесени уште во периодот од 2018 до 2023 година.
Ненавремено биле евидентирани и дел од побарувањата за услуги поврзани со хомологација. Во 2024 година биле заведени побарувања од 14,193 милиони денари, меѓу кои имало и фактури издадени во претходната година.
Проблем бил утврден и кај пломбите, жиговите и налепниците за верификација. Во текот на 2024 година биле набавени вакви материјали во вредност од 4,266 милиони денари, но за нив не била воспоставена соодветна сметководствена и материјална евиденција.
Државниот завод за ревизија дал повеќе препораки за надминување на констатираните слабости, меѓу кои уредување на евиденцијата на имотот, подобрување на наплатата и фактурирањето и поефикасно користење на скапата лабораториска опрема.
Важно е и прецизирањето дека станува збор за Бирото за метрологија, а не за метеорологија, како што погрешно е наведено во дел од насловите во медиумите. Бирото за метрологија било опфатено со Годишната програма за ревизија на ДЗР.

