Од над 15 000 вработени жени во Битола, околу 1200 се претприемачки

Битола

Околу 1200 жени во Општина Битола се јавуваат како сопственици, основачи или управители на деловни субјекти, покажуваат податоците од Централниот регистар објавени во Стратегијата за воспоставување интегриран локален систем за поддршка на женското претприемништво, донесена деновиве од Советот на Општина Битола.

„Битола има сериозен потенцијал. Тоа не е бројка, туку доказ дека жените се значаен дел од економскиот живот на општината. Имаме жени со идеи, знаење и желба да започнат, но им недостигаат информации, финансии, менторство и поддршка за да започнат. Стратегијата не нуди само декларативна поддршка, туку конкретен систем од првата бизнис-идеја, преку едукација, менторство, експертска помош и пристап до финансии, стабилизација и раст на бизнисот. Со неа се опфатени невработени жени, млади и од руралните средини“, рече советничката Александра Лазаревска.

Според податоците објавени во Стратегијата, во Општина Битола има 36 165 жени, од кои  15 577, или 43 проценти, се вработени. Ако овие бројки се споредат со бројот на претприемачки, од вработените жени нешто повеќе од 7 отсто се основачи или сопственици на фирми.

Во Стратегијата се наведува дека според информациите добиени од Општина Битола, во моментов не се предвидени буџетски средства за реализација на активности насочени кон развој на женското претприемништво. Поради тоа, предложениот модел не се заснова на воспоставување нови финансиски инструменти, туку на подобро искористување на веќе постојните механизми за поддршка што ги нудат државните институции, меѓународните организации, донаторите и приватниот сектор.

„За успешно функционирање на предложениот модел, неопходно е Општината да обезбеди човечки ресурси што ќе бидат одговорни за координација и спроведување на активностите предвидени со Стратегијата. Во голем број случаи, ваквите програми и можности веќе постојат, но информациите за нив не стигнуваат секогаш до жените. Поради тоа, Општината треба да има улога на координатор и посредник што ќе ги поврзува потенцијалните и постојните претприемачки со достапните форми на поддршка и ќе го олеснува нивниот пристап до нив“, се наведува во Стратегијата. 

„На тој начин, преку координација, партнерства и ефикасно користење на постојните капацитети, може да се постигне значително поголемо влијание отколку преку ограничени директни финансиски интервенции“, пишува во Стратегијата.

Ж. З.

*Оваа содржина е преземена од Локал Актив Пелагонија, онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?