Дваесет училишта во Тирана добија „паметни камери“ кои не само што снимаат, туку треба во реално време да препознаваат опасни ситуации и автоматски да ги алармираат директорите, училишното обезбедување или полицијата.
Албанскиот премиер Еди Рама соопшти дека ова е првата фаза од проектот „Паметен град“, кој треба постепено да се прошири и во други училишта. Системот беше најавен по убиството на 14-годишниот Мартин Цани, ученик во училиштето „Фан Ноли“ во Тирана.
За разлика од класичниот видеонадзор, новите камери користат вештачка интелигенција за да ја анализираат сликата додека настанот трае. Ако во кадарот се појави нож или друг опасен предмет, системот треба веднаш да испрати предупредување до оперативниот центар.
Но камерата може да го препознае предметот без правилно да ја разбере ситуацијата. Нож во кадарот може да биде знак за напад, но и дел од безопасен настан. Не е објавено колку погрешни аларми може да создаде системот и дали секој сигнал ќе го проверува обучен службеник пред да интервенира полицијата.
Властите тврдат и дека технологијата ќе помага при лоцирање барани лица, но не откриваат како ќе се врши нивното идентификување. Не е прецизирано дали камерите користат препознавање лица или друга форма на биометриска анализа.
Не се познати ниту одговорите на неколку важни прашања: кој ќе има пристап до снимките, каде ќе се чуваат, колку долго ќе останат во системот и дали технички пристап ќе има странската компанија вклучена во проектот.
Според албанските правила за видеонадзор, снимката на која може да се идентификува лице претставува личен податок. Материјалот вообичаено не треба да се чува подолго од 72 часа, освен ако постои документирана причина за продолжување на рокот.
Поширокиот проект „Паметен град“ е развиен со учество на компанијата „Presight AI“ од Обединетите Арапски Емирати. Истражување на „Slow Media Albania“ покажа дека голем дел од техничките детали, безбедносните механизми и правилата за пристап не се целосно достапни за јавноста.
Канцеларијата на албанскиот Комесаријат за заштита на личните податоци претходно потврдила дека за поширокиот проект не била спроведена процена на влијанието врз приватноста. Од јавно објавените информации не може да се утврди дали таква проверка во меѓувреме е направена конкретно за камерите во училиштата.
Новата технологија може побрзо да забележи оружје, тепачка или неовластено влегување во училишниот двор. Но без целосна транспарентност останува отворено прашањето дали децата ќе бидат само подобро заштитени или и постојано анализирани од алгоритам чии правила јавноста не ги знае.

