НАТО крена ловци над Балтикот по воздушна тревога во Летонија

НАТО утрово ги активираше борбените авиони од мисијата за воздушно патролирање над Балтикот, откако Летонија прогласи потенцијална воздушна закана во источниот дел на земјата, во близина на границата со Русија.

Првата тревога била прогласена околу 2 часот во областа Лудза. Летонските вооружени сили соопштија дека заедно со сојузниците од НАТО ја следеле воздушната ситуација и дополнително ги зајакнале капацитетите за противвоздушна одбрана долж источната граница. Потенцијалната опасност во Лудза била укината во 2:25 часот.

Нешто повеќе од еден час подоцна, во 3:37 часот, нова воздушна тревога била прогласена во областа Алуксне. Тогаш биле активирани и ловците на НАТО од мисијата Baltic Air Policing. На жителите им било препорачано да влезат во затворен простор, да ги затворат прозорците и вратите и да не се приближуваат до сомнителни летечки објекти.

Заканата во Алуксне завршила во 4:17 часот, соопштија летонските вооружени сили. Засега нема официјална потврда дека странски дрон навлегол во воздушниот простор на Летонија за време на утринските тревоги.

Летонските власти предупредуваат дека ваквите инциденти остануваат можни додека трае војната во Украина, особено поради беспилотни летала кои можат да се приближат или да навлезат во воздушниот простор на земјите од источната граница на НАТО.

Ова не е прв ваков случај годинава. Во мај два странски дрона се урнаа на територијата на Летонија, а трет минал низ нејзиниот воздушен простор. Во јуни, пак, сојузнички ловци соборија странски беспилотен летач над регионот Латгале.

НАТО во моментов не проценува дека постои непосредна закана од директен напад врз Алијансата, но ја одржува зголемената внимателност поради руските напади врз Украина и зачестените инциденти со дронови во близина на границите на земјите членки.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?